Медиум: Шведска забележува пораст на „тајната“ закана од Русија

Стокхолм го истакнува порастот на „руската закана“, но притоа деталите за „опасноста“, која наводно ѝ се заканува на Шведска“, се држат во тајност, пишува весникот „Дагенс нихетер“.

Во својата статија „Дагенс нихетер“ се повикува на извори кои имаат пристап до военото планирање и материјали на специјалните служби.

Весникот истакнува дека природата и содржината на заканата, која наводно Русија ја претставува за Шведска, се држат во тајност и се од „извонредна важност за националната безбедност“.

„Ознаката за тајност може да биде симната само со одлука на владата. Извори во владата изјавија за весникот дека заканата од Русија пораснала, меѓутоа суштината на заканата се држи во тајност дури и за нив“, пишува весникот.

Претходно шведската војска соопшти дека ќе распореди сили на островот Готланд во Балтичкото море пред предвидениот рок – летото 2017 година. Претходно беше планирано тоа да се случи дури во 2018 година.  

Експертите ја поврзуваат неочекуваната одлука со новите податоци на шведското разузнавање.

„Нешто се случило на разузнавачката мапа. Но, ние, граѓаните, не знаеме што всушност се случило. Затоа пак ги гледаме ефектите од тоа. Брзото распоредување на воена единица на Готланд е доказ за тоа“, изјави експертот за безбедносни прашања на Универзитетот Лунд Вилхелм Агрел.

Шведската војска се повлече од Готланд во 2005 година.

Се очекува во текот на летото 2017 година таму да бидат распоредени две чети- механизирана (168 војници и 15 единици техника) и тенковска (120 војници и десет борбени возила). Притоа оваа механизирана чета ќе биде постојано на островот, додека тенковската - само привремено.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња