Избори во Русија

Избирачките места на кои граѓаните гласаат за 450 пратеници за Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, беа отворени на целата територија на Руската Федерација, на која денеска се одржуваа вкупно 5300 избори на разни нивоа, јавуваат руските медиуми.

Вкупно се отворени околу 97 илјади избирачки места, од кои 372 се наоѓаат во руските дипломатски претставништва во 145 земји во светот, вклучувајќи ги и Украина и САД, пишува телевизија „Ѕвезда“.

Во сите руски региони се гласа од 08-20 часот по локално време, меѓутоа поради десетчасовната временска разлика меѓу регионите на Далечниот Исток и западот, гласањето трае 22 часа. Жителите на Камчатка и Чукотка први излегоа на гласачките места кои беа отворени вчера во 23 часот, а денеска ќе се гласа до 21 часот (по московско време), кога ќе бидат затворени избирачките места во Калининградската област.

Право на глас имаат 111,6 милиони руски граѓани, од кои 1,87 милион живеат во странство.

Годинава првпат по 2003 година парламентарните избори се одржуваат по мешана шема, во која граѓаните гласаат за партиските листи, но и за кандидатите во едномандатните окрузи. На тој начин ќе бидат избрани вкупно 450 пратеници во Државната Дума, долниот дом на рускиот парламент (225 по едниот и исто толку по вториот принцип).  

Во Русија исто така денеска се одржуваат и избори за раководители на седум региони, 39 регионални парламенти и 11 парламенти на административните центри на субјектите на РФ. Ќе бидат одржани околу 5000 локални избори и референдуми. Таму каде што се одржуваат комбинирани избори избирачите добиваат и по девет гласачки ливчиња. Воведен е видео надзор на околу една третина од избирачките места, во 15 региони и 13 мултимилионски градови, на кои гласаат меѓу 37 и 40 милиони избирачи.

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.