Вооружените сили на Велика Британија не се добро подготвени за борба и ќе изгубат многу од своите ресурси во случај на воен напад, изјави поранешниот командант на Вооружените сили на земјата Ричард Баронс во писмото до министерот за одбрана на Велика Британија Мајкл Фалон објавено во „Фајненшел Тајмс“.
Во април оваа година генералот Баронс поднесе оставка, но пред заминувањето напиша меморандум до Фелон во кој предупредува дека британската армија нема опрема да се бори, на пример, со Русија. Во своето писмо тој ги споредува британските сили со руските.
Огнената моќ на британските сили е значително инфериорна во однос на Русија, пишува Баронс. Според него, наместо да ја одржува борбената готовност, Министерството за одбрана се обидува „да го разубави излогот“ - Велика Британија има во своето вооружување бродови и авиони, но за нив често нема ни муниција, затоа што Лондон „навикна на зависноста од американските сили“.
„Армијата во сегашната состојба навикна да дејствува од безбедни бази против противници инфериорни во маневрирање, кои немаат ни оклопна техника, ни ПВО, ни значителна артилерија, ниту можност за водење војна со користење на електронски средства, а уште помалку со балистички или крстосувачки ракети“, смета Баронс.
Тој истакнува дека британскиот систем за противвоздушна одбрана ќе биде во можност „да го заштити само Вајтхол“ – улицата во центарот на Лондон, каде се наоѓаат канцелариите на владата.
„Ниту Велика Британија, ниту распоредените сили на нејзина територија не се во состојба да се заштитат од конкретна акција на руската авијација“, пишува Баронс.
Трошоците за одбрана беа значително намалени за да се заштедат пари, констатира генералот. Покрај тоа, Кралското воено воздухопловство нема план за организација на заштита на државата во случај на конфликт, заклучува генералот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче