План на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер за создавање на единствена армија на Европската унија со штаб во Брисел предизвика вознемиреност во некои европски земји, за што пишува и лондонски „Тајмс“.
Источните Европејци (Полска и балтичките држави) имаат намера да го критикуваат планот за единствена армија на ЕУ. Политичарите на овие земји веруваат дека таа армија не може да им помогне на одбранбените капацитети на НАТО во Европа од Русија, пишува британското издание.
„Ние сме многу скептични во врска со идејата за создавање на армија на ЕУ. Јас не ги гледам вредностите на таа армија“, изјави латвискиот министер за надворешни работи Едгар Ринкевич. Планот на Јункер може да биде само конкурент на Северноатлантската алијанса, додека на Европа ѝ е потребно поголемо присуство на НАТО во балтичките земји и Полска, додава тој.
За истото во петокот зборуваше и претседателката на Литванија Далија Грибаускајте. „ЕУ не може да создава армија која ќе ги копира функциите на НАТО. Ова е едно недоразбирање. Зборуваме за најдобрата соработка во одбраната, но не и за армија“, вели таа.
Во Стара Европа сепак мислат поинаку. „Не е првпат Брисел, поточно Европа, да се замисли за сопствената безбедност“, изјави за „Взгљад“ политиколог Кирил Коктиш. „Западноевропската унија (Организација за соработка во одбраната, 1948-2011) беше токму алтернатива на НАТО“, вели тој. „Европа е навикната да размислува за својата безбедност. Тоа и претходно го имаше и концептот не е нов“, вели експертот.
„Друга работа е што сега созреа прашањето кога Европа ќе биде повеќе автономна во поглед на САД, имајќи предвид дека НАТО станува премногу скапо за многу европски земји, и затоа се бара друга, поевтина алтернатива“, вели Коктиш.
Тој потсетува дека НАТО не е бесплатна организација и дека изнесува 2% од БДП на една држава. „А тоа не се толку малку пари. Покрај тоа, разбирливо е дека и од економска и од стратешка гледна точка е секогаш поевтино кога самиот се занимаваш со својата безбедност“, додава тој.
Политикологот потенцира дека ставот на балтичките земји и Полска може лесно да се разбере, затоа што „кога не можеш да си ја платиш членарината, ќе мора да дејствуваш поинаку. Кога нема пари да се плати за безбедност, учеството мора да се заработи со политика, меѓу другото, со бранење на американските интереси“, резимира Кирил Коктиш.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче