Во еден ден 4 американски разузнавачки авиони се приближија до Крим

Новинската агенција „Интерфакс“ пишува дека 4 американски авиони денеска летале во близина на руските граници над Црното море.

Утрото на 8 септември до црноморските граници на Русија се приближија три разузнавачки авиони на САД, соопштува „Интерфакс“ повикувајќи се на странски извори кои го следат движењето на воената авијација.

Се работи за авион РЦ-135 кој полетал од грчката авиобаза Суда на Крит и реализирал долг лет до Крим, како и за два П-8A „Посејдон“, кои полетале од авиобазата Сигонела на Сицилија.

Според информациите на агенцијата, малку подоцна западно од Крим над Црното море се појавил уште еден РЦ-135 кој исто така полетал од грчката авиобаза.

Како што прецизира „Интерфакс“, овие авиони се наменети за разузнавање, како и за потрага и уништување на подморници. Едниот од авионите се доближил до главната база на Црноморската флота на далечина помала од 70 километри.

На 7 септември во медиумите се појави информација дека ловец на ВКС Русија пресретнал американски разузнавачки авион над Црното море. Подоцна од Министерството за одбрана соопштија дека американски воени авиони се обиделе да се приближат до руската граница со исклучени транспондери. За нивно пресретнување полетале дежурните ловци Су-27 од авиобазата Бељбек.

Воените експерти на „Интерфакс“ изјавија дека летовите на американските авиони во близина на руските граници се поврзани со воените вежби „Кавказ 2016“ кои во моментов се одржуваат на југот на Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња