Русија и Саудиска Арабија постигнаа договор за заеднички активности во насока на стабилизација на пазарот на нафта и обезбедување стабилно ниво на инвестиции во долгорочна перспектива. Притоа е можно вклучување на други производители на нафта во овие договори.
Соопштението за овој меѓудржавен договор го потпишаа министерот за енергетика на РФ Александар Новак и министерот за енергетика, индустрија и минерални ресурси на Саудиска Арабија Халуд ел Фалих, пренесува „Взгљад”.
Во своето соопштение министрите истакнаа дека земјите-производители на нафта се соочуваат со долгорочни предизвици на светскиот пазар, во кои спаѓа значителното намалување на капиталните инвестиции во експлоатацијата на нафтата во целиот свет, вклучувајќи ја сферата на геолошките испитувања, како и масовното одлагање на инвестициските проекти, што доведува до нестабилност на пазарот на нафта во долгорочна перспектива.
„Со оглед на таквата ситуација, министрите ја истакнаа особената важност на конструктивниот дијалог и тесната соработка меѓу најголемите производители со цел одржување на стабилноста на пазарот на нафта и обезбедување стабилно ниво на инвестиции во долгорочна перспектива. Во врска со тоа министрите се договорија да дејствуваат заедно или во соработка со други производители на нафта. Освен тоа, министрите се договорија да ги продолжат консултациите во врска со ситуацијата на пазарот на нафта и да формираат заедничка група за мониторинг која ќе ги следи основните показатели на пазарот на нафта и ќе изнесува препораки за мерките и заедничките активности за обезбедување на стабилноста и предвидливоста на пазарот“, се наведува во соопштението.
Светските цени на нафтата пораснаа во петокот во врска со изјавите на претседателот на Русија Владимир Путн за замрзнување на експлоатацијата на црното злато. Помеѓу другото, Путин изјави дека смета дека замрзнувањето на експлоатацијата на нафтата е правилна одлука за светската енергетика. Претседателот исто така изјави дека Иран, кој речиси во целост го врати обемот на производство по тригодишна пауза поради санкциите, заслужува да се врати на светскиот пазар.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче