Борисов: ЕК ќе реши во Варна дали ѝ треба на Европа рускиот гас

Властите на Бугарија очекуваат дека во понеделник Европската комисија во текот на конференцијата за гас во Варна официјално ќе даде дозвола за почеток на проектот за гасен хаб „Балкан“ со што ќе се реши прашањето за можните испораки на руски гас преку него, изјави во неделата премиерот на Бугарија Бојко Борисов.

„Проектот „Јужен тек“ е одамна затворен, сега има проект за европски гасен хаб „Балкан“, тоа се две различни работи... Ако на Европа ѝ треба рускиот гас да поминува преку хабот за дистрибуција на гас „Балкан“, тоа ќе биде објавено утре“, ги цитира агенцијата „Фокус“ зборовите на Борисов.

Претходно беше соопштено дека бугарската влада заедно со Европската комисија ќе организира конференција на која ќе се дискутира за перспективите за развој на проектот за гасен хаб „Балкан“ на територијата на Бугарија. Се очекува на конференцијата да учествуваат претставници на многу меѓународни компании за гас, веројатно и на руски „Гаспром“, пренесува РИА „Новости“.

„Ние го запревме „Јужен тек“. Европа рече „не“ на тој проект како што беше предложен и никој повеќе не зборува за него. Сега го разгледуваме европскиот гасен хаб со интерконектори и со можност за користење на нашите транзитни гасоводи од страна на сите кои сакаат да испорачуваат гас. Токму тоа е целта на утрешната најголема во Европа конференција“, изјави Борисов пред младинската организација на партијата ГЕРБ во Варна.  

Бугарскиот премиер исто така истакна дека по оваа одлука ќе може да се зборува за заедничка енергетска интеграција и безбедност. Исто така, според Борисов, ако се има јасна и разбирлива европска одлука, ќе биде можно да се оди во Москва и да се договара понатамошна соработка.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња