Русија еднострано ќе почне подетално да го информира НАТО за вонредните проверки во вооружените сили, изјави за весникот „Известија“ заменик-претседателот на комитетот за одбрана на Советот на Федерацијата Франц Клинцевич.
Според него, Москва се решава на гест на добра волја и ќе дава и дополнителни информации покрај основните предвидени со „Виенскиот документ“ за мерките за доверба и безбедност во Европа, ратификуван од страна на Русија во 2011 година.
Исто така за воените аташеа во РФ ќе се одржуваат специјални брифинзи и ќе им бидат давани пакет-информации за секоја воена вежба – бројот на персонал и техника, плановите и целите на маневрите, местото на одржување итн.
Како што истакнува Клинцевич, дополнителните мерки треба да ја намалат затегнатоста во односите со НАТО и да ѝ покажат на Алијансата дека нивните стравови во однос на Москва се претерани.
Обвинувањата на Западот
Воените вежби во Руската Федерација последниве години редовно предизвикуваат бран незадоволство кај земјите на Северноатлантската алијанса.
Според мислењето на првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг, Русија ја поткопува „транспарентноста и предвидливоста“ на ситуацијата во Европа кога врши воени маневри на својата територија. На пример, кога одржува ненадејни проверки на борбената готовност согласно точка 42 од „Виенскиот документ“ (ѝ овозможува на земјата да ги информира соседите во случај на непланирани маневри според фактичката ситуација, а не 42 недели пред одржувањето).
Како што изјави за „Руска реч на македонски“ деканот на факултетот за светска економија и светска политика НИУ ВШЕ Сергеј Караганов, размената на информациите во иднина ќе се врши веќе во билатерален формат.
„Виенскиот документ и претходните договори се создаваа во совршено поинакви геополитички услови, технологии, а најважно – на совршено поинакво ниво на доверба. Заемното разбирање во 80-90-те години спрема партнерите беше повеќепати поголемо, вклучително и од страна на Русија. Сметам дека не треба да се дополнуваат старите документи, туку да се изработат нови согласно условите на времето“, истакна експертот.
Според него, првин геополитичките играчи треба да водат кулоарни преговори, и дури потоа ќе можат да ги формализираат на хартија резултатите од нив.
„Дијалогот во формат Русија-НАТО во политичкиот формат каков што беше претходно е бесмислен. Резултатен може да биде само директниот контакт меѓу војските, кога раководството на земјата ќе постави конкретни задачи за барање решенија за едни или други прашања. Тој разговор треба да се води зад затворени врати и за реални нешта, а не со политичко-пропагандистички методи од екраните на телевизорите“, додава Караганов.
Уште еден чекор во подобрувањето на односите ќе биде и вклучувањето на транспондерите (систем за препознавање на „свој-туѓ“ – заб. на ред.) на воените авиони на алијансата и Русија кои патролираат над неутрални води и државните граници.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче