Меркел: Засега нема укинување на антируските санкции

Канцеларката на Германија Ангела Меркел засега не гледа можност за укинување на антируските санкции.

Канцеларката на Германија Ангела Меркел засега не гледа можност за укинување на антируските санкции. Ова таа го изјави во Прага на прес-конференцијата по разговорите со чешкиот премиер Богуслав Соботка, пренесува РИА „Новости“.

„Германија и Франција се стремат да придонесат за напредок во исполнувањето на „Минската спогодба“ (за Украина). Но летово ситуацијата таму повеќе се влоши. Во такви услови е сосема сложено да се донесе некакво политичко решение“, изјави Меркел.

Според неа, во средата таа разговарала телефонски со францускиот претседател Франсоа Оланд, а подоцна и со претседателот на Русија Владимир Путин. Меркел исто така додаде дека се наоѓа во постојан контакт и со украинскиот претседател Петро Порошенко.

„Се надевам дека Европскиот совет ќе располага со информација која би довела до укинување на антируските санкции. Но засега такво нешто се нема случено“, изјави Меркел.

Претходно, зборувајќи во Естонија, канцеларката изјави дека санкциите треба да останат „во врска со активноста на Русија спрема Украина“. Притоа Меркел призна дека одржувањето на партнерските односи со Русија е во интерес на Европа.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња