Медиум: руските авиони во Иран го ставија Обама во непријатна позиција

Списанието „Национален Интерес“ го оценува влијанието на краткотрајното присуство на руските авиони во иранската база Хамадан во геополитички контекст.

Појавата на руски бомбардери во авиобазата Хамадан во Иран имаше огромно значење како за сирискиот конфликт, така и за поширокиот политички контекст, пишува аналитичарот на „Национален Интерес“ Даниел Депетрис.

Пред сѐ, истакнува тој, полетувањата од територијата на Иран им овозможија на руските авиони да носат помалку гориво, а повеќе муниција. На тој начин, пилотите може да извршат повеќе налети врз целта.

Второ, според мислењето на аналитичарот, користењето на базата Хамадан ѝ овозможи на Москва „јавно да го стави претседателот Обама во непријатна позиција и да покаже колку замрсена и нестабилна е политиката на САД во Сирија“.

Русија, објаснува авторот, е подготвена по воен пат да го поддржува Дамаск за да ги зацврсти своите позиции. Вашингтон пак, истапувајќи против сириската влада, сепак не се решава директно да се вмеша воено.

Трето, пишува Депетрис, соработката меѓу Москва и Техеран исто така може да го „оддува оптимизмот“ на Белата куќа во однос на промената на регионалната политика на Иран. Без оглед на успешниот договор за иранската нуклеарна програма, на Блискиот Исток Техеран и Вашингтон како и претходно се наоѓаат на спротивните страни на барикадите.

Иако, според некои информации, големата медиумска покриеност на руското присуство во Хамадан предизвика незадоволство кај Иранците, сѐ уште е неизвесно дали тоа ќе му пречи на Иран и во иднина да ѝ ја дава својата база на користење на Русија.

„Едно е апсолутно јасно: Москва продолжува да го користи сирискиот конфликт за демонстрација на сопствената сила“, се истакнува во статијата.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња