Од 2017 секој руски државјанин ќе може да добие „далекуисточен хектар“

До октомври оваа година ќе бидат понудени 30 типски решенија за користење на земјиште на Далечниот Исток, изјави рускиот министер за развој на Далечниот Исток Александар Галушка.

Парцелите во рамките на програмата „Далекуисточен хектар” од 2017 година ќе можат да ги добијат не само жителите на Далекуисточниот федерален округ, туку и сите руски државјани. Освен тоа, од октомври оваа година земјиштето ќе се дели ширум територијата на регионот, а не само во девет реони како што е досега, изјави министерот за развој на Далечниот Исток Александар Галушка во интервју за весникот „Известија”.

„Државата притоа поставува еден услов: земјата треба да биде искористена во рок од пет години, инаку ќе ѝ биде вратена на државата. А оние кои ќе ја воведат во експлоатација по пет години ќе го добијат земјиштето во своја сопственост“, изјави Галушка, пренесува РИА „Новости”.

Тој додаде дека е планирано до октомври оваа година да бидат понудени 30 типски решенија за користење на земјиштето.

„Тоа се своевидни бизнис-планови кои предлагаат начин за искористување на земјата“, објасни тој.

На 1 јуни оваа година на сила стапи законот според кој руските државјани можат да добијат еден хектар земја на Далечниот Исток: во Јакутија, во Камчатскиот, Приморскиот, Хабаровскиот крај, во Амурската, Магаданската, Сахалинската област, како и во Еврејската автономна област и Чукотскиот автономен округ.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња