Полетувањето на руските бомбардери од аеродромот „Хамадан“ стана првата по Втората светска војна операција на една странска земја лансирана од територијата на Иран, објави весникот „Њујорк Тајмс“.
Американските официјални лица изјавуваа дека воената соработка меѓу Русија и Иран не била изненадување за нив, но се чини дека полетувањето на руските авиони од иранската база ја начека неподготвена Белата куќа, се вели во статијата.
„Сметам дека сѐ уште се обидуваме да сфатиме што тие (Русија и Иран) прават“, ги цитира весникот зборовите на портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер.
Благодарение на договорот со Техеран, Москва доби простор за маневрирање во Сирија и ја зголеми својата огнена моќ, истакнува весникот.
Политичките аналитичари сметаат дека новиот аранжман може, исто така, да ѝ овозможи на Русија да го прошири политичкото влијание во Блискиот Исток. Историчарите и воените експерти, пак, забележуваат дека во историјата на двете земји сѐ уште нема преседани на толку блиска воена соработка.
„Такво нешто не се случуваше дури ни за време на владеењето на Шахот (владеењето на последниот иранскиот шах Мохамед Реза Пахлави, кога Советскиот Сојуз и Иран соработуваа на многу полиња)“, изјави поранешниот американски дипломат, во моментов професор на американската Воено-поморска академија Џон Лимберт, кој има работено во Иран.
Работата не е ограничена само со тактички предности. Појавата на бомбардерите во иранската база може да биде дел од рускиот план од големи размери - да создаде нова коалиција во Сирија и да стане нејзината централна сила, наведува весникот. Вестите од Иран доаѓаат поради подобрувањето на односите меѓу Москва и Анкара и продолжувањето на руско-американскиот дијалог за соработка во борбата против ИД.
„Мислам дека Русија се обидува да собере поширока коалиција која оди подалеку од рамките на соработка меѓу Москва и Техеран. На оваа операција се гледа како на адут во преговорите со Западот“, смета генералниот директор на Рускиот совет за меѓународни работи (РСМД) Андреј Кортунов.
Издигнувањето на руско-иранската соработка на нови нивоа го покренува прашањето дали Вашингтон не направи голема стратешка грешка со откажувањето од воспоставување на зона на забранети летови над Сирија, истакнува весникот. Отсуството на такви зони ѝ овозможи на Москва да се вклучи во сириската кампања и да ја ограничи слободата на движење на Вашингтон, се вели во статијата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче