Командантот на вооружените сили на САД во Европа генерал-потполковник Бен Хоџис изјави дека Русија треба да им дозволи на странските набљудувачи, како и на западните новинари, присуство на воените вежби „Кавказ 2016“ кои треба да се одржат во септември, вклучително и на територијата на Кримскиот полуостров.
Стратешките командно-штапски вежби „Кавказ 2016“ ќе се одржат во септември на територијата на Јужниот и Северно-Кавкаскиот федерален округ. Ова во јануари го соопшти командантот на силите на Јужниот воен округ Александар Галкин. Според него, во текот на вежбите ќе биде проверена реалната состојба на борбената и мобилизациската готовност на војската и силите на округот за исполнување на задачите.
„Русија навистина би можела да го олесни стравот и да обезбеди некаква стабилност кога би поканила набљудувачи. Отворено кажано, тоа силно би помогнало да се намали загриженоста“, ги цитира агенцијата „Ројтерс“ зборовите на Хоџис. Тој додаде дека на воените вежби „им недостига транспарентност“.
Американскиот генерал исто така истакна дека Русија испратила свои набљудувачи кога во јуни во Полска се одржуваа маневрите на НАТО „Анаконда 16“.
На почетокот на август заменик-министерот за одбрана на РФ Анатолиј Антонов изјави дека се планира воените аташеа акредитирани во Москва да бидат поканети во својство на набљудувачи на најважните делови од маневрите „Кавказ 2016“, пишува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче