По упадот во мрежата на Демократската партија на сајтот на „ВикиЛикс“ се појавија 19 илјади писма од кои од некои се гледа дека во текот на предизборната кампања во рамките на партијата за кандидат за претседател на САД, партискиот апарат фактички работел за Хилари Клинтон против Берни Сандерс. Штабот на Клинтон ја обвини Русија за упадот во серверите поради тоа што смета дека Москва на тој начин сака да му помогне на кандидатот од редовите на Републиканската партија Доналд Трамп да стане претседател, пишува „Вол Стрит Џурнал“.
Низа припадници на ФБИ и американското разузнавање исто така сметаат дека хакирањето на серверите на Демократскта партија го организирале хакери поврзани со Русија, истакнува изданието.
За да може да воведе санкции, Белата куќа треба да искаже јавни обвинувања против Москва или „хакерите поддржувани од Русија“. Но засега американските власти не ги именуваат оние кои, според нивното мислење, стојат зад упадот во електронската пошта на Демократската партија, пишува весникот.
Освен тоа, одлуката за воведување нови економски ограничувања против Москва бара консензус во рамките на самите владејачки структури на САД, но досега американските функционери не дојдоа до заеднично мислење во однос на ова прашање, пишува весникот повикувајќи се на добро информирани извори.
Москва ги смета обвинувањата за вмешаност на Русија во инцидентот за апсурд кој, според зборовите на портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков, „се граничи со потполна глупост“. Кремљ потенцира дека секогаш внимателно избегнува секакви дејствија и зборови кои би можеле да се протолкуваат како мешање во изборниот процес, пишува РИА „Новости“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче