Бајден ги наведе приоритетите на американската политика спрема Русија

Потпретседателот на САД смета дека функционалната соработка со Русија е неопходна за одржување на стабилноста во светот.

Новата американска администрација треба спрема Русија да спроведува комбинирана политика на одвраќање и „тактичка соработка“, вели потпретседателот на САД Џозеф Бајден во статија за магазинот „Форин Аферс“.

Мандатите на Бајден и на претседателот Барак Обама истекуваат во јануари.

„Спрема Русија САД треба да ја продолжат политиката која би ги комбинирала неодложните потреби за одвраќање од една страна и рационалниот пристап кон тактичката соработка и стратешката стабилност од друга“, смета потпретседателот на САД.

Бајден исто така ја обвинува Москва за „анексија на Крим” и „агресија во Украина”. Политичарот смета дека американската програма за поддршка на европските сојузници во НАТО и распоредувањето нови сили на Алијансата во Полска и балтичките земји  ќе ги зајакне партнерите и ќе „овозможи да се создаде бастион против понатамошната агресија на Русија“.

„Следната администрација треба да ги удвои напорите на САД за зајакнување на НАТО и соработката со Русија“, истакнува Бајден, додавајќи дека тоа е неопходно да се стори дури и ако Велика Британија излезе од ЕУ.

Американскиот потпретседател исто така истакна дека „придонесот за клучните структури на Западот не значи враќање на поедноставеното мислење од студената војна“, и дека САД треба да бидат „отворени за соработка со Русија таму каде што имаме заеднички интереси“.

Како пример за такво партнерство Бајден исто така го наведува нуклеарниот договор со Иран и новиот договор за намалување и ограничување на вооружувањето. Освен тоа, според него, „тешко е да се претпостави на кој начин може да биде прекината војната во Сирија без било каков договор меѓу Вашингтон и Москва“. Во врска со тоа политичарот истакна дека е неопходна „функционална соработка со Русија за одржување на стабилноста“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња