Захарова: Западните медиуми „да најдат сили“ да напишат за Алепо

Портпаролот на МНР Русија Марија Захарова ги повика западните медиуми да обрнат внимание на злосторствата што ги извршува таканаречената „умерена“ опозиција во Сирија.

Претходно беше соопштено за напад со хемиско оружје врз еден кварт во источниот дел на Алепо од страна на бунтовниците на „умерената опозиција“. Во нападот загинаа седум луѓе, уште 20 Сиријци завршија во болниците.

Захарова на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека бунтовниците на „Харакат Нур ад-Дин аз-Зинки“ (групата која го изврши нападот) повеќепати е обвинувана за убиство на жени и деца во Алепо. Без оглед на тоа, групата се смета за една од „умерените“ и добива поддршка од САД.

Портпаролот на руското МНР исто така потсети дека вооружените формации на Сириските демократски сили  (СДС) фактички во целост го блокирале градот Мембиџ во провинцијата Алепо и водат интензивни борби во населените квартови, што резултира со голем број жртви меѓу цивилното население. Според Захарова, „авијацијата на САД и коалицијата кои ги поддржуваат СДС нанесуваат удари не толку по конкретни објекти на ИДИЛ, колку по реоните на градот“.

Според информациите на МНР РФ, од почетокот на операцијата во Мембиџ на 19 јули, авионите на коалицијата на САД извршиле повеќе од 90 воздушни напади врз градските квартови, по што, според минималните пресметки, загинале стотици и се ранети илјадници цивили, пренесува РИА „Новости“.

„Ако нашите западни колеги, пред сѐ во Вашингтон, повторно направат сѐ да не бидат забележани овие факти, тогаш сите нивни разговори за „прекин на крвопролевањето во Сирија“ ќе станат едноставно апсурдни. Силно се надевам дека и западните медиуми ќе најдат во себе сила да напишат за злосторствата на „умерените“ и за изворите на нивното финансирање. Вам ви се обраќам, „Њујорк Тајмс“,  „Фигаро“, „Билт“, како и на сите кои редовно ја цитираат „Лондонската опсерваторија за човекови права во Сирија“. Особено на „Билт“, затоа што ова издание објави бојкот само на вестите за постигнувањата на руската репрезентација на Олимпијадата во Рио. Има надеж дека во таблоидот ќе се најде место за два-три пасуса за ѕверствата во Сирија на „умерената опозиција“. Два-три пасуси, за волја на вистината, сѐ уште никому не нанеле штета“, истакна Захарова.
 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња