Кремљ реагира на плановите на САД за нова атомска бомба

Стручњаците треба да дадат оценка по изјавите на САД дека планираат да создадат модернизирана атомска бомба, изјави портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков.

„За тоа треба стручњаците да ја дадат потребната оценка“, изјави Пексов одговарајќи на прашањето дали плановите на САД го загрозуваат паритетот во таа сфера и дали Русија ќе мора да одговори на тоа, пренесува „Взгљад“.

Националната агенција за нуклеарна безбедност на САД (NNSA) претходно официјално го одобри почетокот на технолошката подготовка за производство на модернизираната атомска бомба Б61-12. Се истакнува дека технолошката подготовка, на која ѝ претходеа четири години конструкторска работа, претставува финална фаза пред производството планирано за 2020 фискална година.

Б61-12 е дванаесеттата модификација на бомбата Б61, која се произведува од 60-те години и се очекува да ги замени претходните верзии Б61-3, Б61-4, Б61-7 и Б61-10.

Истовремено претседателот на Академијата за геополитички проблеми, доктор на воени науки Константин Сивков соопшти дека Русија може да одговори на новата атомска бомба на САД со нуклеарна боева глава за ракетата „Искандер“.

„Бомбата не ја преправаат, модернизираат нејзини различни блокови, на пример, го прават корпусот аеродинамички посовршен. Тоа нема да одземе многу време – максимум година и половина и ќе почнат испораките. Од страна на Русија може да има само една контрамерка – создавање нуклеарна боева глава за ракетниот систем „Искандер“, друг ефикасен одговор едноставно нема“, изјави Сивков.

Претседателот на комитетот на Советот на Федерацијата на РФ за одбрана и безбедност Виктор Озеров изјави дека Русија е подготвена да ја минимизира заканата во врска со идното производство во САД на бомбата Б61-12.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња