Според Путин, Русија и Словенија ќе ја продолжат просветителската работа за да не се заборават настаните кои се случиле во текот на светските војни и за да се зајакне безбедноста во Европа и светот, пренесува РТ на руски.
„Токму затоа заедно ќе ја продолжиме просветителската работа, пред сѐ меѓу младината, не само за да се сеќаваме на ужасите на војната, туку и заедно да работиме на зајакнувањето на меѓусебното разбирање, довербата, безбедноста во Европа и светот“, изјави шефот на руската држава на меморијалната церемонија по повод 100-годишнината на Руската капела на превојот Вршич.
Путин ја потенцираше важноста на споменикот на руските и советските војници што ќе се открие во Љубљана.
„Споменикот ќе ја одразува нашата заедничка принципиелна позиција да не дозволиме извртување и препишување на историјата, оправдување на злосторствата кои ја понесоа со себе смртта на милиони луѓе“, изјави шефот на руската држава.
Денеска во главниот град на Словенија ќе биде откриен споменик на руските и советските војници кои загинале на територијата на Словенија во Првата и Втората светска војна. Споменикот треба да го симболизира обединувањето на разни граѓани на Русија кои ги дале своите животи за Татковината, а неговото место во Словенија - помирувањето на европските народи кои се нашле во Првата светска војна на различни страни на фронтот, како и тесното преплетување на судбините на двете земји.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче