Медиум: Флертувањето на Турција со Русија го провоцира НАТО

Ердоган многу добро знае дека НАТО со загриженост го следи свртувањето на својот партнер кон Русија, пишува германски „Шпигел“.

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган на секој начин покажува дека сака да се зближи со Русија. Тоа може да го иритира НАТО, но Алијансата ќе мора да ја проголта оваа навреда, пишува германски „Шпигел“.

„Она што до вчера изгледаше незамисливо, денеска стана реалност“, ја коментира еден западен дипломат ситуацијата во Турција по обидот за воен пуч.

Како што истакнува „Шпигел“, истото може да се каже за надворешната политика на Турција. По неколку месеци „ледено доба“ меѓу Анкара и Москва, Ердоган покажува дека сака пријателство со претседателот на Русија Владимир Путин. Оваа недела беше соопштено дека во август ќе се одржи средба на двајцата лидери во Санкт Петербург.

По масовните чистки кои следеа по обидот за пуч, како и по идејата за враќање на смртната казна, влегувањето на Турција во Европската унија изгледа понереално од кога било. Тоа што во овој момент Ердоган става акцент на пријателството со Путин треба да се гледа како обид земјата да се сврти од Запад кон Исток, пишува изданието.

Ова зближување му е важно на Ердоган, затоа што му се потреби добри вести поради влошувањето на економската ситуација во земјата. По извинувањето на Ердоган, руските власти веднаш го укинаа ембаргото на увоз на турски земјоделски производи, а сега се водат преговори за обнова на проектот „Турски тек“ и за изградба на нова нуклеарна централа во Турција. Освен тоа, турската влада се надева дека во земјата ќе се вратат руските туристи.

Турскиот лидер притоа свесно ја игнорира штета што следува во надворешната политика поради таквите потези, продолжува изданието. Ердоган многу добро знае дека НАТО со загриженост го следи преориентирањето на својот партнер кон Русија, земја која, според мислењето на Алијансата, претставува еден од најголемите проблеми во сферата на безбедноста.

Од гледна точка на Ердоган, ваквите провокации се потполно умесни, затоа што покажуваат дека, во случај да продолжи оддалечувањето на Турција од Запад, тој има алтернативни партнери. Но весникот е уверен дека Ердоган нема да излезе од НАТО.

Турција е за НАТО многу важен партнер поради нејзината геостратешка положба. Неизвесноста во Анкара прави многу нешта несигурни и затоа НАТО ќе мора да ја проголта навредата и нема премногу да ја критикува Турција, заклучува германскиот весник.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња