Петмина руски веслачи исклучени од Олимпијадата во Рио

Меѓународната федерација во веслање кајак и кану (ICF) им забрани на петмина Руси да учествуваат на Олимписките игри во 2016 во Бразил затоа што се споменати во извештајот на независната комисија на Меѓународната антидопинг агенција (WADA) под раководство на Ричард Мекларен, се вели во сооштението објавено на веб-страницата на федерацијата.

На списокот со Руси кои нема да учествуваат на Олимписките игри се наоѓаат Елена Ањушина, Наталија Подољскаја, Александар Дјаченко, Андреј Крајтор и Алексеј Коровашков.

Александар Дјаченко и Јуриј Постригај, олимписки шампиони од Игрите во Лондон во 2012 година во кајак за двојки на 200 метри, ќе бидат заменети со тимот на Шведска.

Елена Ањушина и Кира Степанова, кои се натпреваруваат во кајак за двојки на 500 метри, ќе бидат заменети со австриска двојка.

Исклучувањето на Коровашков, кој настапува во кану за двојки на 1000 метри заедно со Илја Первухин, повлекува ликвидација на квотата и дуетот нема да биде заменет со ниеден тим.

Андреј Крајтор, кој се квалификуваше на ОИ на 200 метри во кану, ќе биде заменет со спортист од Иран, а место Наталија Подољскаја (кајак на 200 метри) во Бразил ќе настапува кајакарка од Германија.

Исто така, се соопштува дека Руската федерација во веслање кајак и кану нема да биде во целост исклучена од натпреварувањата, пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња