Кери во Москва договори план со Русија за прекин на огнот во Сирија

Како што се очекуваше, главна тема на посетата на Кери на Москва беше регулирањето на сириската криза, но шефовите на дипломатиите на САД и Русија дискутираа и за билатерални прашања, како што е ситуацијата во Нагорно Карабах и во Украина.

Дводневната посета на американскиот државен секретар Џон Кери во Москва, за време на која тој се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, беше продуктивна. Страните договорија план за постигнување на прекин на огнот и за политичкиот преоден период во Сирија, но одлучија да не ги објават деталите од договорот, пишува РИА „Новости”

Како што смета Кери, ако спроведувањето на овие договори успее, тоа ќе ја промени ситуацијата во Сирија. Лавров притоа изјави дека Русија и САД се договориле дека треба да се пресметаат со „Исламската држава“ и организацијата „Џебхат ан-Нусра“.  Средбата на Лавров и Кери траеше повеќе од 12 часа.

Како што се очекуваше, главна тема на посетата на Кери на Москва беше регулирањето на сириската криза, но шефовите на дипломатиите на САД и Русија дискутираа и за билатерални прашања, како што е ситуацијата во Нагорно Карабах и во Украина.

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров изјави дека Русија и САД веќе во наредните денови ќе почнат со спроведувањето на договорот. Според него, двете земји ќе помогнат во надминувањето на тешкотиите поврзани со разграничувањето на терористите и на опозицијата.

Лавров исто така истакна дека заедничката цел на Русија и на САД е обезбедување долгорочен прекин на огнот на територијата на Сирија, со исклучок на борбата против ИД и „Џебхат ан-Нусра“.

„Нашата заедничка цел е да ги зголемиме позитивните резултати кои се веќе постигнати во рамките на испораката на хуманитарна помош. Пристап до хуманитарната помош од почетокот на годината е обезбеден во сите 18 региони под опсада. И наша заедничка цел е да ги интензивираме напорите за поддршка на политичките реформи во Сирија“, изјави Лавров.

Американскиот државен секретар Џон Кери соопшти дека е постигнат договор за активностите што треба да се преземат за повторно да се воспостави примирјето. „Ако доследно се почитуваат договорите, би можеле да придонесеме за решавање на две сериозни прашања... Можеме да го обновиме договорот за прекин на борбените операции, да го намалиме насилството и да создадеме услови за процесот на политичка транзиција“, рече Кери по разговорите со Лавров.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња