Кремљ не е запознаен со желбата на Обама за продолжување на СТАРТ 3

Кремљ не знае за желбата на Барак Обама да го продолжи договорот СТАРТ 3, соопшти портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков, коментирајќи ги информациите објавени во американскиот печат.

„Не, ништо не ни е познато околу тоа“, изјави Песков, пренесува „Взгљад“.

Претходно во понеделникот американскиот весник „Вашингтон Пост“ објави дека американскиот претседател Барак Обама планира да ѝ предложи на Русија продолжување на договорот за намалување на нуклеарното вооружување на уште пет години.

Договорот СТАРТ 3 беше потпишан од страна на претседателите на Русија и САД на 8 април 2010 година во Прага и стапи на сила по неговата ратификација во Државната дума и Конгресот на 5 февруари 2011 година.

Договорот предвидува намалување на стратешките носители (интерконтиненталните балистички ракети и тешки бомбардери) од секоја страна на 700 единици и на 1550 нуклеарни полнења за нив. Според информации од отворени извори, на 1 септември 2015 година Русија имала 526 распоредени носители и 1628 боеви глави на нив, додека САД имале 762 стратешки носители и 1538 нуклеарни боеви глави. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња