Сменета командата на Балтичката флота на Русија

Одлуката е донесена по извршената проверка на единиците на Вооружените сили на Русија во регионот.

Министерот за одбрана на РФ генерал на армија Сергеј Шојгу ги ослободи од служба командантот и началникот на штабот на Балтичката флота поради прикривање на реалната состојба во регионот, соопштија за „Руска реч на македонски“ од управата за прес-служба и информации на Министерството за одбрана на РФ.

Според резултатите од инспекцијата, исто така се ослободени од должноста уште некои високопоставени армиски функционери.

Воениот ресор тврди дека тие се ослободени поради „сериозни пропусти во организацијата на борбената обука, секојдневните активности на војската, непреземање мерки за подобрување на условите за живот на војниците, отсуство на грижа за потчинетите, како и за искривување на реалната состојба во извештаите до министерот за одбрана“.

Министерот за одбрана Сергеј Шојгу нареди во најкраток рок да се изработи план за отстранување на утврдените проблеми и да се реализира до крајот на оваа година уште една инспекција на Балтичката флота.

Според мислењето на некои аналитичари, зад формулациите кои ги соопшти министерството, може да се крие откривање на некакви корупциски шеми, како и неуспешно постигнување на роковите за активирање на низа клучни борбени единици на флотата и извршување на работите за ремонт на инфраструктурата на воените единици.

Како што изјави за „Руска реч на македонски“ командантот на Црноморската флота  и заменик-командант на ВМФ РФ Игор Касатонов, Русија има многу високи барања спрема армиската команда и неретко „летаат глави“ поради несовесно исполнување обврските. „Човекот не успеал. Нема да кажам зошто го ослободија од должноста. Јас не работев во комисијата, не го држев за рака. А и никој во Русија нема на цел глас да ги каже конкретните причини за ослободување од должноста на едни или други армиски чинови“, истакна поранешниот командант на Црноморската флота.

Според него, денеска не е проблем кадровското прашање. „Целата работа е во степенот на подготовка. Денеска ја нема советската школа за обука на офицери за флотата и уште ќе има големи ослободувања од должност“, додаде Касатонов.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња