Путин и Ердоган разговараа за нормализација на односите

Претседателот на Русија Владимир Путин разговараше со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за укинување на ограничувањата за посета на руски туристи на Турција, соопштува прес-службата на Кремљ.

Путин и Ердоган го одржаа телефонскиот разговор во средата, во текот на кој се договорија да преземат мерки за нормализација на односите меѓу двете земји и за лична средба. Разговорот траеше повеќе од 40 минути.

„Рускиот лидер изјави дека ќе ѝ наложи на владата (на РФ) да стапи во преговори со соодветните турски ресори за да се обнови заемно поволна билатерална соработка во трговско-економската и други сфери“, се вели во соопштението што го пренесува РИА „Новости“.

Во соопштението на Кремљ се истакнува дека турската влада треба да преземе „дополнителни чекори насочени кон обезбедување на сигурноста на руските граѓани“.

Средбата меѓу Путин и Ердоган веројатно ќе се одржи во рамките на самитот на Г-20 што ќе се одржи на 4-5 септември во Кина, пренесува телевизијата НТВ повикувајќи се на извор во администрацијата на турскиот претседател.

Последен пат Путин и Ердоган разговараа во ноември минатата година на самитот на Г-20 во Анталија, пишува „Взгљад“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња