Германски политичари и научници бараат подобрување на односите со Русија

Повеќе од 100 германски научници, адвокати, членови на Движењето за мир и пратеници во Бундестагот потпишаа отворено писмо до германската влада и канцеларката Ангела Меркел со повик за развивање на пријателски односи со Русија и откажување од воените засилувања во Источна Европа.

Писмото ќе го објават на 22 јуни весниците „Франкфуртер Рундшау“  и „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ по повод 75-годишнината од нападот на хитлеровска Германија на СССР, пренесува РИА „Новости“. Документот е иницијатива на Меѓународната асоцијација на адвокати против нуклеарното оружје.

„На историската годишнина на 22 Јуни 2016, апелираме до сојузниот канцелар Ангела Меркел и германската влада: само политика на заемно разбирање со Русија и решавање на конфликтите и противречностите врз основа на меѓународното право нуди можност за мирна иднина за Европа... Ние апелираме конечно да се научат лекциите од досега најстрашната од сите војни за нов квалитет на руско-германските односи“, се вели во писмото.

Според авторите, основа за пријателските односи меѓу Русија и Германија може да бидат економските врски кои „имаат првостепено значење за двете земји“, како и руската култура која, како и германската, е дел од темелите на европската култура.

Таквите односи ќе им овозможат на страните „отворено и со разбирање на соодветното историско искуство и интересите на другата страна да спорат за различни политички концепти во најдобра смисла на дискурсот... Сите односи и формати треба да бидат искористени за да се исклучи нов вооружен конфликт меѓу Германија и Русија засекогаш“, се вели во документот.

Потписниците на писмото истакнуваат дека „наместо да гради ракетни бази во Источна Европа и да испраќа германски војници на границите на Русија“, на Германија ѝ е „потребно зајакнување на институциите за колективна безбедност како што е ОБСЕ“.

„Во Основниот акт НАТО-Русија, потпишан во Париз на 27 мај 1997 година, НАТО категорично се откажа од постојано распоредување борбени сили во Источна Европа. Сите страни во договорот признаа дека не се непријатели и безбедноста на сите држави на евроатлантската заедница е неделива. На овие обврски и свест треба да им се вратиме, за во среднорочна перспектива да ја завршиме и политиката на меѓусебните економски санкции“, се вели во писмото.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња