„Имаше апсолутно неприфатлив инцидент, кога полицијата запре автобус со повеќе од четириесет руски навивачи. Побарала да го напуштат автобусот за проверка на документи и идентификација на луѓето“, изјави рускиот министер за надворешни работи, пренесува „Взгљад“.
Според него, „француските власти беа должни истиот момент кога го спровеле задржувањето да ги информираат амбасадата или конзулатот во Марсеј“.
„Тоа не беше направено, претставници на нашите мисии во странство дознаа за тоа единствено од социјалните мрежи каде што навивачите ја објавија оваа информација. Тие веднаш дојдоа на местото на настанот. Се покажа дека Французите веќе биле подготвени да повикаат специјална единица за насилен упад во автобусот. Тоа ќе беше апсолутно неприфатлива ситуација, но нашите дипломати успеаја да ја расчистат“, рече Лавров.
Тој исто така ги коментираше постапките на англиските навивачи. „Не можеме да замижеме пред апсолутно провокативните потези на навивачите од други земји. Вие, веројатно, ги видовте скандалозните кадри на телевизија кога го газат руското знаме, кога извикуваат навреди против руското раководство, против водечките руски спортисти“, рече Лавров.
Лавров, исто така, испрати вербална нота до министерот за надворешни работи на Франција Жан-Марк Ејро во врска со задржувањето на автобусот со руски навивачи. „Испратив вербална нота до министерот за надворешни работи на Франција со барање да не се дозволи такви ситуации да се случат повторно“, изјави рускиот министер.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче