Ричард Саква, професор по руска и европска политика на Универзитетот во Кент во Кантербери, научен соработник на Кралскиот институт за меѓународни односи и експерт на форумот„Валдај“ во текстот објавен во весникот „Независимаја газета“ ги апсолвира речиси сите проблеми и потешкотии на современиот свет - од кризата во Украина до крахот на африканските земји и конфликтите на Блискиот Исток, со сите неодговорни долевања на масло на огнот. Ги пренесуваме главните тези од завршниот дел и заклучокот на неговиот обемен текст.
Приказните за Европската унија како мировен проект звучат многу неубедливо без да се премине на режим на помирување со Русија. Неспособноста на Европската унија да се земат предвид последиците од своите дејства доведе до најужасниот конфликт на нашето време, оној во Украина. За многу нови источноевропски членки на Унијата таа не претставува начин за надминување на историските неправди туку инструмент за нивно зајакнување, нагласува професорот Саква.
Еден од можните начини на помирување би можел да биде проектот за Голема Европа за кој се залага Русија, меѓутоа неговите корени одат далеку во деголовското сфаќање на Европа. САД, меѓу другото, сакаат Велика Британија да остане во ЕУ, за да продолжи да ја игра улогата на која предупреди францускиот државник – улогата на тројански коњ на Америка (макар што аналогијата не е баш најдобра, Велика Британија во последно време е многу повеќе како тројанска пудлица), пишува аналитичарот.
Русија од своја страна не треба да ги поддржува десничарските популисти во Европа, бидејќи тие не се единственото движење кое е во потрага по алтернатива на сегашната политика на Европската унија. Нема потреба да се игра на картата на десничарските популисти и противниците на миграција, предлага публицистот.
Единствениот мудар политички чекор би бил кога би се рекло: „Подготвени сме за соработка. Подготвени сме за дијалог“. Мислам дека Русија треба да биде толерантна, инклузивна и отворена за дијалог, затоа што сите овие вредности ги дели со Европа. Уште едно заострување на судирот меѓу РФ и ЕУ би можело апсолутно да излезе од контрола, поради што западните политичари и почнаа да бараат начини за воспоставување на соработка, тврди Саква.
Бесмислено е да се расправа за тоа како ќе изгледа една војна меѓу Русија и Северноатлантскиот воен сојуз, па дури и за тоа како би можела да започне. Тоа ќе биде крај на сите војни, затоа што повеќе не би имало некој што ќе војува. Фокусот треба да биде на тоа како да се спречи сценариото за крајот на светот, а тоа би значело дека страните треба да ги признаат претходно направените грешки и да започнат нов содржаен процес на меѓусебна соработка, верува експертот на форумот „Валдај“ и заклучува:
„Бесконечното продолжување на санкциите, реториката на насилство и потрагата по „жртвено јагне“ создава атмосфера во која и најмал инцидент многу лесно може да тргне по страшна спирала. Нашата генерација има одговорност и обврска да не дозволи такво нешто никогаш да не се случи“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче