Во вторник, 7 јуни 2016 година, во 12 часот во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје ќе се одржи предавање со наслов „Прошетка низ руската литература“.
Предавањето претставува кондензирана информација за патот кој го има поминато руската книжевност низ вековите. Насловот не е случајно избран со оглед на фактот дека станува збор за литературна традиција чии почетоци датираат од средината на 10 век и која е позната и ценета низ целиот свет.
Во „прошетката“ присутните ќе бидат запознаени со древната и средновековната руска литература, познатите руски сказни, руската литература од 18 век, Златниот и Сребрениот век, па сѐ до најзначајните претставници на советскиот период и современоста. Особено внимание ќе биде обрнато на четворица големи писатели: Александар Сергеевич Пушкин, Николај Васиљевич Гогољ, Ана Андреевна Ахматова и Михаил Афанасјевич Булгаков.
6 јуни во Русија се прославува како Ден на рускиот јазик или кај народот познат како Денот на Пушкин, датумот на кој е роден овој голем писател. Неговата поезија и неговата проза се познати низ целиот свет, а во Русија се смета за најголем писател на сите времиња. Оваа година се навршија и 50 години од смртта на Ана Ахматова, една од најпознатите поетеси во светот, претставник на акмеизмот. Николај Васиљевич Гогољ, кој е добро познат на македонската публика, пред 190 години за првпат го видел напечатено своето ремек-дело „Ревизор“, драма која до денешен ден е една од најпоставуваните на театарските сцени ширум светот. Конечно, во јубиларната група, ќе биде спомнато и творештвото на Михаил Булгаков, исклучително плоден и ценет писател, автор на безвременскиот роман „Мајсторот и Маргарита“ кој минатата година на сцената на МНТ го постави македонскиот режисер Иван Поповски. Предавањето нема да се засновува на „голи“ факти, ами на интересни моменти, за кои македонската читачка публика е малку запознаена, а кои ќе го привлечат вниманието кон богатата и неисцрпна руска литература.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче