Русите и Американците на МВС разговараат на „руслиш”

Разговорот со астронаутите на Меѓународната вселенска станица го водеше основачот на социјалната мрежа „Фејсбук“ Марк Цукерберг.

Руските космонаути и американските астронаути на Меѓународната вселенска станица зборуваат на мешавина од англиски и руски јазик што ја нарекуваат „руслиш“, изјави астронаутот Тимоти Копра во текот на првата директна врска помеѓу корисниците на „Фејсбук’ и меѓународниот дел од екипажот на МВС.

Разговорот го водеше основачот на социјалната мрежа „Фејсбук“ Марк Цукерберг. Тој ги праша астронаутите Тимоти Копра, Џефри Вилијамс и Британецот Тимоти Пик како разговараат со колегите од странство на МВС. Тие рекоа дека, кога се работи за Европејците, Канаѓаните или Јапонците, обично зборуваат на англиски. Но, сега на рускиот сегмент од станицата се наоѓаат тројцата руски космонаути Јуриј Маленченко, Алексеј Овчинин и Олег Скрипочка, пренесува „Взгљад”.

„Ние тројцата повеќе или помалку зборуваме руски, а нашите руски пријатели одлично знаат англиски“, објасни Копра. „Но, кога сме сите заедно, тогаш зборуваме и на руски и на англиски јазик истовремено и добиваме некаков јазик руслиш, комбинација од овие два јазика."

„Меѓутоа, најважно е што имаме можност да комуницираме без проблеми, бидејќи разговорот е нераскинлив дел од нашата работа и предуслов за правилно исполнување на сите поставени задачи“, истакна тој.

Цукерберг испрати неколку прашања до астронаутите, од кои многу пристигаа онлајн од корисници на „Фејсбук“, за тоа каков вид на експерименти врши екипажот на МВС, што јадат и како станале астронаути. На барање на Цукерберг, тимот дури и направи вртење од 360 степени за ја покажат „нулта гравитацијата“ на станицата.

Разговорот меѓу основачот на „Фејсбук“ и корисниците на социјалните мрежи со астронаутите на МВС траеше околу 15 минути.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња