Државната компанија за гас на Полска PGNiG нема намера да го продолжи долгорочниот договор со „Гаспром“ за испорака на руски гас, изјави за агенцијата „Ројтерс“ ополномоштениот претставник на владата на Полска за прашања за гасна и енергетска структура Пјотр Наимски.
„Ние ќе се стремиме кон ситуација при која долгорочниот договор ќе стане минато. Ако цената на рускиот гас биде доволно конкурентна, ние не исклучуваме можност за негова набавка, но секако не во рамки на долгорочен договор“, изјави функционерот.
Важноста на договорот потпишан во 1996 година истекува во 2022 година. Според договорот, Полска добива до 10,2 милијарди кубни метри руски гас годишно. Основниот обем на потрошувачка на земјата изнесува речиси 15 милијарди кубни метри.
Полска ја смета важечката цена на рускиот гас за превисока. Во 2015 година PGNiG побара од „Гаспром експорт“ ревизија на тарифите, прашање кое најверојатно ќе се решава на арбитражен суд.
За да ја намали зависноста од рускиот гас, Полска го изгради првиот терминал за течен природен гас. Тој овозможува земјата да купува гориво практично од сите земји во светот. Притоа експертите ги потенцираат нараснатите загуби на Варшава. Така, на пример, гасот од Блискиот Исток е 2,5 пати поскап од рускиот.
Покрај тоа, Варшава има намера да го реализира проектот за гасовод во Северното море кој ќе ѝ овозможи на Полска да добива ресурси од Норвешка преку Данска и Балтичкото море.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче