Русија ќе инвестира над 16 милијарди долари во воената индустрија

Русија ќе потроши околу 1,1 трилиони рубљи (16,7 милијарди долари) на програмата за развој на воената индустрија во периодот 2016-2020, изјави премиерот на Русија Дмитриј Медведев.

Русија ќе потроши околу 1,1 трилиони рубљи (16,7 милијарди долари) на програмата за развој на воената индустрија во периодот 2016-2020, изјави премиерот на Русија Дмитриј Медведев, пренесува ТАСС.

„Русија во моментов е втор по големина извозник на оружје во светот и треба да ја задржиме таа позиција“, рече тој.

Медведев, исто така, рече дека ја одобрил новата верзија на комплексната програма за развој на воената индустрија за периодот 2016-2020.

„Во моментов сме во процес на опремување на целата војска, вооружените сили и морнарицата со нови модели на оружје. Постојат одредени цели кои мораме да ги исполниме, и секако дека е неопходно да се обезбеди конкурентност на нашите производи во светот“, изјави премиерот на Русија.

Истовремено вицепремиерот на РФ Дмитриј Рогозин изјави дека програмата за развој на одбранбената индустрија на Русија до 2020 година ќе има многу добро влијание врз целата руска економија.

„Ние сме убедени дека оваа програма ќе има добро влијание не само врз домашната одбранбена индустрија, со оглед дека таа е локомотива за сите високи технологии, туку и за целата економија на земјата“, изјави Рогозин.

Како што рече тој, до 2020 година се планира да се зголеми нивото на производствените капацитети до 100 проценти за да можат сите компании да произведуваат оружје и воена техника во согласност со програмата на вооружување.

Покрај тоа, додаде тој, неопходно е да се стават во работа сите 929 нови производствени објекти, како и да се подигне нивото на иновативното производство за 40 отсто.

Во исто време, неопходно е да се разработат најмалку 1300 нови технологии до 2020 година кои ќе се користат во производството за потребите на руската војска, заклучи Рогозин.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња