Западните политичари го поздравија предавањето на украинскиот пилот Надежда Савченко на украинската страна, а канцеларката Ангела Меркел изрази надеж дека размената за Русите Ерофеев и Александров „ќе придонесе за динамиката на преговорите за хуманитарните прашања и идниот договор за размена на затвореници во рамките на „Минската спогодба“. Канцеларката ѝ посака на Савченко брзо закрепнување по штрајкот со глад и безбедно враќање во кругот на семејството.
Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, ја нарече одлуката навистина позитивен чекор на Москва и истакна дека сега треба да се очекуваат следните чекори. „Тешко е да се биде оптимист, земајќи го предвид нашето искуство со Русија во тој контекст, но се надевам дека ЕУ и Г-7 ќе продолжат да застапуваат заеднички пристап и да покажат глобална солидарност со Украина во овој драматичен конфликт“, рече Туск.
Американскиот државен секретар Џон Кери смета дека ослободувањето на Надежда Савченко по долгите искушенија, вклучувајќи го и престојот во самица, претставува значаен сегмент на реализацијата на обврските на Русија кои произлегуваат од „Минската спогодба“, како и дека сега треба да се поттикне целосна имплементација на тој документ.
„Ја поздравувам одлуката за враќање на Надежда Савченко во Украина и тоа што украинската влада донесе хумана одлука за ослободување на двајца припадници на руските вооружени сили заробени на украинската територија и осудени за тероризам“, рече Кери.
И додаде дека САД ја повикува Русија да ја почитува „Минската спогодба“ и да ги ослободи сите заробени и незаконски притворени лица, пренесува „Взгљад“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче