Русија и Украина извршија размена на осуденици. Така, Москва му го предаде на Киев украинскиот војник Надежда Савченко и доби двајца Руси осудени од Киев - Евгениј Ерофеев и Александар Александров, кои украинските медиуми ги нарекоа „борци на ГРУ“.
Како течеше размената
На 25 мај во раните утрински часови авионот на претседателот на Украина пристигна во Ростов на Дон (1100 километри јужно од Москва) со цел да го земе постариот поручник Савченко која издржуваше казна во руски затвор.
Во исто време, руски Aн-148 пристигна во Киев. Според бројот на регистрација на авионот RA-61716, тој е дел од специјалниот летачки одред „Русија“ кој се занимава со превоз на највисоките функционери на Руската Федерација, како и на шефовите на ФСБ.
Според договорот меѓу двете земји, двата авиона истовремено полетаа кон дома.
Како што изјави претседателот на Украина Петро Порошенко на својот Твитер-профил, авионот со Надежда Савченко веќе пристигнал на аеродром во предградијата на Киев.
Според портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков, авионот со руските државјани исто така слетал во Москва. Како што истакна тој, наредбата за помилување на Савченко била потпишана од претседателот на Русија Владимир Путин по личното обраќање на роднините на загинатите руски новинари со барање за ослободување на украинскиот војник.
Зошто размената беше неочекувана за сите и зошто токму денес
Според информации од извори на весникот „Комерсант“, договорот за размена на Савченко за Русите бил постигнат ноќта во текот на телефонските разговори во „Нормандиски формат“ меѓу лидерите на Германија, Франција, Русија и Украина.
Како што истакна украинскиот политиколог Виктор Небоженко во интервју за „Вести“, Надежда Савченко морала да биде разменета токму на 25 мај - на втората годишнина од инаугурацијата на претседателот на Украина Петро Порошенко. Според аналитичарот, тоа ќе му овозможи на шефот на украинската држава да ги засени целата критика на противниците која требаше да се излее врз него тој ден.
Во март 2016 украинскиот војник Надежда Савченко беше осудена на 22 години затвор за убиството на руските новинари Игор Корнељук и Антон Волошин, како и за обид за убиство на нивните колеги.
Од друга страна, државјаните на Русија Евгениј Ерофеев и Александар Александров беа осудени во Киев на 14 години со целосна конфискација на имот согласно членот „тероризам“. Според верзијата на Украина, мажите се војници на вооружените сили на Русија. Москва, пак, тврди дека во моментот на приведувањето Ерофеев и Александров веќе одамна не биле дел од редовите на Вооружените сили на земјата.
Раководителот на прес-службата на Министерството за одбрана на РФ генерал-мајор Игор Конашенков изјави дека Александров и Ерофеев навистина „служеле во една од (воените) единици и имаат воена обука“. Сепак уште пред избивањето на вооружените судири во југоисточниот дел на Украина, младите веќе не биле дел од редовите на вооружените сили на Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче