Речиси секој ден се појавуваат докази дека либералниот светски поредок од изминатите 70 години пропаѓа, пишува „Вашингтон Пост“. Кина и Русија се обидуваат да го направат светот „според нивната нелиберална слика“, додека во Европа поради кризата со мигрантите и стравот од глобализмот расте популарноста на десничарските партии. Радикалната група „Исламска држава“ прави хаос на Блискиот Исток. А и во САД претседателскиот кандидат Доналд Трамп привлекува милиони приврзаници, истапувајќи против основите на американското лидерство во светот, вклучувајќи го и воениот сојуз со Јужна Кореја и Јапонија.
Сето ова претставува неверојатно искушение за следниот американски претседател. Нему ќе му треба храброст и способност да донесе тешки одлуки за задржување на либералниот светски поредок. И, според извештајот на Центарот за нови пристапи во заштитата на безбедноста на САД, овој поредок вреди да се зачува, бидејќи благодарение на него „милијарди луѓе веќе не живеат во сиромаштија, се шири демократската форма на владеење и со години се успеваше да се избегне катастрофална војна меѓу големите сили“. Овие „импресивни достигнувања“ треба да добијат обновена поддршка од САД и Европа, смета изданието.
Според авторите на извештајот, многумина во светот се загрижени од намалувањето на улогата на Америка и „не сакаат да ги споделуваат вредностите на претседателите на Русија и Кина кои ги отфрлаат демократијата, одговорноста и човечкото достоинство". Тие предлагаат зајакнување на сите елементи на влијанието на САД: дипломатијата, економијата и војската.
Вашингтон треба да се обиде да ја интегрира Кина во правилата и традициите на либералниот светски поредок, истовремено, да собере сила да се спротивстави на едностраното одземање на териториите во Јужното Кинеско Море, се истакнува во статијата. Стабилизацијата на Украина и економската помош ќе ја направат „витален бедем против субверзивните дејствија“ на Москва. САД, исто така, не треба да се штеди на време и средства за елиминирање на „Исламската држава“ и за ставање крај на војната во Сирија.
„Глобалното лидерство бара Америка да се движи на сите овие правци и да се спротивставува на површните популистички апели да се сврти кон себе“, заклучува „Вашингтон Пост“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче