„Гаспром” ги заобиколува санкциите со брод од милијарда долари

Поради санкциите „Гаспром“ почнува да презема реални дејствија за намалување на технолошката зависност. Компанијата официјално соопшти дека добила брод за поставување на цевководи и ја разгледува опцијата за негова употреба во изградбата на „Северен тек 2“ во соработка со европски подизведувач.

„Гаспром” го доби бродот за поставување цевководи „Александар Черски”, сооопшти на 19 мај на прес-конференција заменик-претседателот на управата на „Гаспром“ Виталиј Маркелов. „Гаспром“ изгради брод за изведување работи на поставување на цевководи, за работа во крајбрежни појаси. Тој е универзален”, изјави тој. Според неговите зборови, компанијата засега планира да го искористи бродот во крајбрежниот појас на Сахалин.

Бродовите за поставување цевководи се ретка техника, светската флота има само десетина вакви бродови. Досега сите големи подводни гасоводи за „Гаспром” ги градеа  западни фирми. Најмногу нарачки доби италијанската компанија  Saipem, која беше ангажирана на гасоводите „Син поток“ и „Северен тек“.

Во услови на санкции и голем политички отпор кој САД и низа европски земји го пружаат на плановите на „Гаспром” за изградба на гасоводи кои би ја одминувале Украина (преку Балтичкото и Црното море), отсуството на сопствени капацитети за изградба можеше да го спречи успешното завршување на работите.

Според информациите на „Комерсант“, бродот може да учествува во изградбата на „Северен тек 2“. „Со западниот добитник на тендерот може да биде склучен договор за префрлање на дел од работите на подизведувач“, прецизира  еден од изворите на изданието. „Потенцијално овој брод може да биде употребен во изградбата на „Северен тек 2“. Но сложената природа на изградбата на цевководот – тоа не е само бродот, тоа се и компетенциите, луѓето и технологиите, дозволите, дополнителната опрема. Самиот „Гаспром“ зборува само за употреба во крајбрежниот појас. Затоа при положувањето на цевките на дното на Балтичкото море, вака или онака, ќе мора да се вклучат странци“, изјави за весникот „Взгљад“ претседателот на Националната асоцијација на сервисот за нафта и гас Виктор Хајков.

Од „Гаспром“ и конзорциумот „Северен тек 2“ не сакаа да го коментираат ова. Тендерот за изградба на гасоводот е веќе објавен и резултатите ќе се дознаат при крајот на годината.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња