Двајца руски олигарси не го оставаат своето богатство на сопствените деца

Нивните средства ќе одат во добротворни цели.

Руските милијардери Михаил Фридман (според „Форбс“ – богатство од 13,3 милијарди долари) и Александар Мамут (2,4 милијарди долари) решија да не им го остават своето богатство на сопствените деца.

Милијардерот, косопственик на една од најголемите инвестициски групи во Русија „Алфа Груп“ Михаил Фридман ја објави својата одлука на состанокот на „Форбс Клуб“ (Forbes Club) вечерта на 19 мај.

„Не сум љубител на давање јавни ветувања од таков вид, но можам да кажам дека донесов одлука – моето богатство ќе оди во добротворни цели“, изјави Фидман, одговарајќи на прашање. Милијардерот исто така не планира да ги вклучи своите деца во работата на „Алфа Груп“, соопштува руската верзија на магазинот „Форбс“.

Иста така одлука донесе и големиот инвеститор и медиумски магнат Александар Мамут. Претприемачот го објави ова во статија во магазинот „Форбс“ објавена на во петокот, 20 мај.

Фридман се надева дека неговите деца ќе постигнат професионални успеси во животот самостојно како и тој. Тој исто така не сака децата да станат предмет на внимание на луѓето кои имаат нечесни цели, објасни претприемачот.

Од своја страна Александар Мамут има намера да им пренесе на децата „не пари, ами нешто сосем друго“. „Да си го најдат својот пат, да постигнат успех самостојно – во тоа, веројатно, се состои смислата на животот. И тој успех не е задолжително поврзан со бизнис, со пари. Можат да станат добар музичар, спортист, истражувач или инженер“, објаснува медиумскиот магнат. Според неговото мислење, бизнисмен е „дефинитивно не најдобрата меѓу професиите“.

Претходно за плановите да го даде своето богатство во добротворни цели изјави и генералниот директор на најголемиот произведувач на никел и цинк во светот „Норилски никел“ Владимир Потанин (богатство од 12,1 милијарди долари), потсетува „РБК“.

„Мојот капитал треба да оди за добро на општеството и да послужи за социјални цели“, објасни Потанин.

Според податоците на Центарот за управување со благосостојба и филантропија на бизнис-школата Сколково, само 48% од руските бизнисмени ќе им го остават целото свое богатство на децата, 36%  повеќе од половината, а 13% - помал дел од богатството.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња