Бортников: Падот на египетскиот авион А320 е терористички чин

Авионот кој леташе од Париз за Каиро, „според сета веројатност“, е жртва на терористички чин, смета првиот човек на ФСБ РФ Александар Бортников. Сепак, Русија засега нема да го прекине авионскиот сообраќај со Франција.

Падот на патничкиот авион А320 на авиокомпанијата EgyptAir, кој леташе од Париз за Каиро рано утрото на 19 мај, најверојатно, е терористички чин. Ова го изјави директорот на ФСБ Русија Александар Бортников.

„Знаете што се случи со авионот во Египет (терористичкиот чин над Синајскиот полуостров во 2015 година). Според сѐ, ова е терористички чин во кој загинаа 66 државјани на различни држави“, изјави првиот човек на ФСБ.

Сепак, Русија засега нема да го прекине авионскиот сообраќај со Франција, особено, со аеродромот „Шарл де Гол“ од каде полета А320.

За тоа дека веројатноста за терористички напад е поголема од веројатноста за техничка неисправност изјави на прес-конференција и министерот за цивилна авијација на Египет Шериф Фатхи.

Претходно во интервју за радиото „Европа 1“ поранешниот шеф на француската Управа за истражување на авијациски инциденти (BEA) Жан-Пол Троадек  исто така ја издвои верзијата за терористички напад, истакнувајќи дека тоа е „практично недвојбено“ тоа. „Технички проблем, пожар или дефект на моторот не доведуваат до моментална катастрофа, екипажот има време да реагира“, изјави Троадек.

Авионот исчезнал од радарите кога се наоѓал на 280 км од брегот на Египет и летал над Средоземното море. Екипаж на грчки трговски брод тврди тврди дека видел „оган на небото“ истовремено кога била изгубена врската со авионот. Во авионот се наоѓале државјани на 12 држави, од кои 30 Египќани и 15 Французи. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња