На Црвениот плоштад во Москва ќе се одржи фестивал на книгата

Главниот плоштад во земјата ќе стане библиотека, концертна бина и книжарница

Таму, каде што неодамна минуваа тенкови и маршираа полкови во чест на празнувањето на Денот на Победата во Втората светска војна, сега ќе се читаат книги. Фестивалот на книгата „Црвениот плоштад“ ќе се одржи во центарот на Москва од 3 до 6 јуни и ќе биде посветен на роденденот на Пушкин и Денот на рускиот јазик.

На целиот простор на плоштадот ќе има штандови со книги, павилјони за средби со писатели и тркалезни маси, простор за деца и мастер-класови, лаунџ-зони. Гостите на фестивалот ќе можат да поразговараат со сите автори и да учествуваат во презентациите на книжевните новини. Дел од овие активности ќе бидат Евгениј Евтушенко, Едвард Раѕински, Гузељ Јахина, Алексеј Варламов, Евгениј Водолазкин, Сергеј Лукјаненко и многу други писатели и поети.

Годинава околу 400 руски издавачки куќи ќе го претстават најактуелното и најинтересното во современата литература. Во центарот на главниот град ќе бидат изложени околу 100 илјади наслови на книги.

Кај Соборниот храм Св. Василиј Блажени ќе биде подигната сцена на која ќе биде претставена рок-операта „Злосторство и казна“, музичко-поетската постановка „Евгениј Онегин“, а ќе настапат најпознатите културни дејци, музичари, ѕвезди на театарот и филмот. По повод Годината на филмот, прогласена во 2016 година, на фестивалот ќе се прикажат екранизации на најдобрите литературни дела.

Во ГУМ ќе биде отворена книжарница за стари книги. Влезот на фестивалот е слободен.

Минатото лето на Црвениот плоштад веќе се одржа фестивалот „Книгите на Русија“. Беше посетен од над 200 илјади луѓе.

Фестивалот на книгата „Црвениот плоштад“ е организиран од Федералната агенција за печат и масовни комуникации заедно со Рускиот книжевен сојуз со поддршка на Владата на Москва.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња