Премиерот на Норвешка: Русија не претставува никаква закана

Русија не претставува никаква закана за Норвешка, изјави премиерот на таа земја Ерна Солберг.

„Ние не ги сметаме нив (РФ) како закана за Норвешка, тие никогаш не покажувале никакви амбиции, соработуваме. Но тие имаат големи воени сили до нас и ако нешто се случи – ние сме им на патот“, изјави Солберг, пренесува „Взгљад“.

Премиерот објасни дека уште од времето на Втората светска војна реонот на Норвешка и морските патишта таму имаат важно стратешко значење. Притоа таа ја истакна зголемената воена моќ на Русија во споредба со онаа пред 10-15 години.

Солберг потсети дека Норвешка одамна соработувала во регионот со СССР, а потоа со Русија и во целина соработката се развива успешно. Исто така, таа потсети дека во Втората светска војна советската војска ослободила неколку области на Норвешка од фашистите, по што се вратила на својата територија.

Сепак настаните на Крим 2014 година, кои таа ги нарече „анексија“, според нејзиното мислење, зборуваат за непредвидливоста на однесувањето на Русија во денешно време.

„Мислам дека непредвидливоста (на РФ) е најголемиот предизвик со кој се соочуваме. „Студената војна“ беше тешко време. Тие (СССР) имаа добро опремена армија, ние знаевме дека тие имаат (воени) можности ако нешто се случи. Но тие беа предвидливи“, рече норвешкиот премиер.

Во врска со тоа, вклучително и со помош од САД, Норвешка го зголемува набљудувањето во регионот и капацитетите на своето разузнавање. Истото, според неа, го прави и Русија. „Ние знаеме дека тие знаат дека ние знаеме. Тоа е многу добар принцип – да се биде предвидлив, отворен (за дијалог) и да се разбирате еден со друг, дури и ако нема баланс“, додаде Солберг.

Во петокот претседателот на САД Барак Обама имаше во Вашингтон средба со шефовите на петте скандинавски земји: Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска. По средбата земјите издадоа заедничка изјава во кој, особено, ја повикуваат Русија да ја намали воената агресивност и да се придржува до меѓународните обврски при одржувањето маневри.

Во изјавата исто така се вели дека САД и скандинавските земји се подготвени да ги продолжат санкциите против Русија.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња