Полска предлага засилување на улогата на ОБСЕ за спречување на опасни инциденти меѓу руската и западните војски, пишува „Комерсант“.
Поради зачестеноста на опасните ситуации во последно време, земји-членки на ОБСЕ треба да преземат дополнителни обврски. Военото воздухопловство на САД последниве недели значително го зголеми бројот на летови на авионите за набљудување во јужниот дел на Балтичкото море. Сега американските авиони редовно доаѓаат во близина на руските граници, при што тоа трае мошне долго. Русија ги има потребни мерки за нивно одвраќање, на пример, пресретнувањето, пишува „Комерсант“ повикувајќи се на извор во Министерството за одбрана.
Ваквите инциденти можат лесно да станат „извори на непотребна конфронтација“, затоа треба да се стори сѐ за да се намалат ризиците, изјави постојаниот претставник на Полска во меѓународните организации во Виена Адам Бугајски.
Според мислењето на полските власти, сите членки на ОБСЕ треба да преземат обврски „за избегнување на секакви дејствија кои би можеле да доведат до опасни воени инциденти“. Покрај тоа, како што предлага Варшава, во ОБСЕ треба да биде формирана специјална комисија која ќе ги истражува опасните инциденти, се вели во статијата.
Коавтори на полските предлози се седум земји – „балтичките републики и други држави од Запад“, изјави Бугајски.
Полска смета дека нејзините предлози ќе бидат усвоени до крајот на годината, пишува „Комерсант“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче