Путин: Денот на Победата е и државен и личен празник

„Нашите татковци и дедовци победија моќен и немилосрден непријател“, рече на Парадата на Победата посветена на 71-годишнината од победата во Големата Татковинска војна претседателот на РФ Владимир Путин и нагласи дека „рускиот војник им се освети на нацистите и нивните помагачи за милионите жртви, за сите суровости и злодела“. Претседателот укажа на новата закана – тероризмот и повика на „обединување на напорите за да биде победено тоа зло“.

Зборувајќи на парадата, Владимир Путин изјави: „9 мај е и државен, и многу личен, семеен празник. Тој стана симбол на светото сродство на Русија и нејзиниот народ. И во таквата сплотеност, во преданоста кон Татковината е нашата сила, сигурноста и достоинството“.

„Нашите татковци и дедовци победија моќен и немилосрден непријател пред кој отстапија многу земји“ рече Владимир Путин. „Токму советскиот народ им донесе слобода на другите народи. Токму нашиот војник ги освети милионите жртви, се освети за сите суровости и злодела кои во нашата земја ги направија фашистите и нивните помагачи“.

Зборувајќи за почетокот на војната, Путин нагласи дека требало без одлагање да се решаваат мноштво тешки задачи, а една од нив била евакуацијата на милиони цивили и индустријата на исток. И сето тоа во најтешки услови на непријателски напади, во екот на војната.

Претседателот нагласи дека сега е тешко дури и да се сфати со какви исклучителни напори биле евакуирани и обновени над 1500 фабрики. Веќе по неколку месеци тие почнале континуирано да испорачуваат на фронтот тенкови, авиони, муниција и воена техника.

Зборувајќи за сегашноста, Путин нагласи дека „цивилизацијата повторно се соочи со суровост и насилство и дека тероризмот повторно стана глобална закана“.

Путин истакна дека „сите имаме обврска да го победиме тоа зло и дека Русија е отворена за обединување на напорите со други земји, подготвена да работи на изградба на современ, вонблоковски систем на меѓународната безбедност“, пренесува „Комерсант“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња