Претседателот на Финска Саули Ниинисте изјави дека Хелсинки може да го разгледа прашањето за зачленување на земјата во НАТО-пактот одделно од Шведска, соопштува Yle, а пренесува „Рамблер Њуз Сервис“.
Според зборовите на претседателот, прашањето за членство на Финска во НАТО треба да се изнесе на референдум за да се земе предвид мислењето на граѓаните за оваа одлука.
„Секоја од земјите, се разбира, одговара за својот процес на донесување одлука за НАТО“, истакна претседателот на Финска. Притоа, според неговите зборови, „мислењата во една земја можат да влијаат на мислењата во другата“.
Претходно работна група, формирана од финската влада, направи извештај во кој се произнесе дека присоединувањето на земјата кон НАТО ќе ги влоши односите со Русија и ќе им нанесе штета на трговските врски со Москва.
Авторите на извештајот не гледаат никакви политички или практични пречки за стапувањето на Финска во воената алијанса, но, истовремено, членството на Хелсинки во НАТО ќе предизвика остра политичка реакција од страна на Москва, што ќе изврши влијание на трговијата меѓу земјите, се вели во отчетот до финскиот премиер Јуха Сипиља.
Во извештајот нема директни препораки за потребата од членство во пактот, но се истакнува дека заедничкото стапување во НАТО на Шведска и Финска ќе биде стратешки поправилен избор отколку зачленувањето во Алијансата поединечно.
Членството на Финска во НАТО ќе ја удвои должината на границите меѓу членките на Алијансата и Русија и ќе изнесува околу 2,5 илјади километри.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче