МНР РФ: Американска војска во Сирија е нарушување на суверенитетот на САР

Москва е загрижена поради влегувањето на американската војска во Сирија без одобрување на Дамаск, изјави заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков.

„Ако зборуваме за ставот на дипломатскиот ресор, секако дека не можеме, а да не чувствуваме загриженост по повод на тоа што таквите постапки на САД се реализираат без договор со легалната влада на Сириската Арапска Република. Тоа е прекршување на суверенитетот на Сирија“, изјави Сергеј Рјабков, пишува „Взгљад“.

„Морам да нагласам дека официјален Дамаск веќе ја процени дадената ситуација политички слично и ние во целост се согласуваме со тоа“, истакна заменик-министерот за надворешни работи на РФ.

Претходно заменик-министерот за надворешни работи на Русија Генадиј Гатилов исто така нагласи дека војската на САД незаконски се наоѓа на територијата на Сирија.

Оценка на постапките на САД даде и Генералштабот на ВС Русија. Според началникот на ресорот Валериј Герасимов, меѓународната коалиција предводена од САД, дејствувајќи во Сирија, ги крши „сите канони“ на меѓународното право. „Нашите единици во Сирија се наоѓаат врз база на легални основи и на барање на владата на суверена држава, што не може да се каже за меѓународната коалиција која де јуре ги крши систе канони на меѓународното право“.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Џон Кирби рече, меѓутоа, дека САД не го сметаат за агресија распоредувањето на американската војска во Сирија.

Според него, таквата позиција на САД е поврзана со тоа што режимот на претседателот на Сирија Башар Асад врши агресија против Сиријците. „Сметам дека е врв на иронијата да се нарекува овој наш чекор блатантен чин на агресија, кога тие продолжуваат да употребуваат гас и касетни бомби против сопствениот народ и, според информациите, ја бомбардираа болницата во Алепо. Тоа се блатантни чинови на агресија против сопствените граѓани“, изјави американскиот чиновник.

Претходно американскиот претседател Барак Обама на 25 април најави испраќање на 250 американски војници во Сирија за да им се помогне на локалните сојузници во борбата против „Исламската држава“.

Во градот Румејлан, кој се наоѓа на североистокот на Сирија, а кој го контролираат Курдите, на 27 април пристигнаа околу 150 американски војници.

Како што истакнува воениот експерт, главен уредник на изданието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски, изјавите од страна на Русија за нарушување на суверенитетот на Сирија се аргументирани, меѓутоа тоа не значи дека РФ „на некаков начин ќе му се спротивстави на тоа“. Москва едноставно го констатира фактот за кршење на меѓународното право. Некакви практични дејства во таква ситуација може да преземе само Дамаск, меѓутоа и тој се наоѓа во сложена ситуација. Тоа е поврзано со тоа што и силите на коалицијата предводена од САД, и нивните локални сојузници водат борба, макар не толку активна како владините сили и ВКС Русија, со радикалните исламисти. Во дадениов случај САД им помагаат на курдските формации, кои и покрај тоа што се настроени против претседателот Асад, сепак војуваат со „Исламската држава“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња