Во врска со гранатирањето на конзулатот на Русија во Алепо, Москва ги повика членките на Меѓународната група за поддршка на Сирија да сторат сѐ што можат за да се обезбеди почитување на примирјето во Сирија и целосно, помеѓу другото и географски, да се разграничат сириските приврзаници на примирјето од терористите.
„На 28 април околу 15:00 часот по московско време е гранатирана зградата на Генералниот конзулат на Руската Федерација во Алепо“, се наведува во соопштението на сајтот на МНР Русија.
„На територијата на руската страна на мисијата падна една граната, а уште три експлодираа покрај оградата од надворешната страна. Никој не е повреден. Материјалната штета се проценува“, соопшти МНР РФ.
„Работата на Генералниот конзулат е запрена поради безбедност во јануари 2013 година, соработниците се делумно евакуирани, а делумно префрлени во Дамаск. На територијата на дипломатската мисија во моментов се наоѓа технички персонал составен од сириски државјани“, соопшти министерството.
„Според постојните податоци, Генералниот конзулат го гранатираа терористите на „Џебхат ан-Нусра“ и нејзе блиски организации кои значително се активираа во последно време во реонот на Алепо. Гранатирањето беше планско“, соопшти рускиот дипломатски ресор, пренесува „Взгљад”.
„Одлучно го осудуваме овој терористички напад. Повторно укажуваме на обидите на терористите и силите кои им даваат помош и поддршка да го разнишаат режимот на прекин на борбените дејствија во Сирија, постигнат во согласност со Заедничката изјава на Русија и САД од 22 февруари”, се наведува во соопштението.
„Сметаме дека е крајно важно да им се даде отпор на овие обиди, да се унапреди координацијата на дејствијата на Русија и САД како претседавачи со Меѓународната група за поддршка на Сирија, кои го реализираат непосредниот мониторинг на примирјето. Уште еднаш ги повикуваме сите членки на Меѓународната група за поддршка на Сирија да сторат сѐ што зависи од нив за да се обезбеди почитување на режимот на прекин на огнот и целосно, вклучувајќи и географски, разграничување на сириските приврзаници на примирјето од терористите“, истакна Министерството за надворешни работи на Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче