Рејтингот на Путин останува на ниво од 82%

На рејтингот на рускиот претседател не влијаат ни економската криза, ни „разобличувањето“ на оф-шор скандалот со „панамските документи“. Неговата работа како претседател на државата како и претходно ја одобруваат 82% Руси.

Рејтингот на претседателот Владимир Путин останува непроменет од почетокот на годината. Неговата работа на функцијата шеф на државата ја одобруваат 82% Руси, следува од најновата анкета на „Левада-центарот“.

Русите не навикнаа да го обвинуваат шефот на државата за она што се случува во земјата. И макар што кризата се чувствува сѐ повеќе, традиционално одговорноста за тоа се симнува од претседателот. „Како прво, сето тоа се прелева или во обичните престапи, или обвинувањата одат на сметка на регионалните, а не на федералните власти, а згора на тоа, не врз претседателот“, ги коментираше за „Руска реч на македонски“ новите податоци директорот на Центарот за политиколошки истражувања на Финансискиот универзитет при Владата на РФ Павел Салин.

Како второ, според неговите зборови, руските власти многу умешно го користат ликот на надворешниот непријател (пред сѐ, на Американците), поврзувајќи го постојано влошувањето со нивните интриги. А додека има со кого да се карате, ќе има и стабилност. Во однос на ова дури и криењето на „панамските документи“ кои одекнаа во целиот свет, не може да стане иницијатор за пад. Зашто широките народни слоеви за нив ништо не знаат: на државната телевизија и ако се спомнеше тоа, тогаш тоа ќе беше само во контекст дека оф-шор сметките во Панама се откриени кај политичари од други држави, за руските функционери и бизнисмени таму немаше ништо. „А што нема на телевизија, тоа воопшто не постои“, ја објаснува логиката Салин.

Колапс ќе нема – ќе има постепено намалување

Впрочем, не може да се зборува ни за забетонираната стабилност. Во јуни 2015 година рејтингот на шефот на државата го достигна својот врв – 89%, и постепено намалување имаше во текот на целата втора половина од минатата година, потсетува социологот на „Левада-центарот“ Денис Волков. „Може да се каже дека сега рејтингот се стабилизираше и дефинитивно се врати на преткримскит показател“, вели социологот.

Истото се случи и со рејтинзите на рускиот премиер Дмитриј Медведев, владата и Државната дума. Тие аналогно скокнаа во врска со присоединувањето на Крим кон Русија, а последниве години бавно се снижуваа. Денес работата на Медведев ја одобруваат 54% (не ја одобруваа - 44%), а Државната дума - 41% (57% се изјаснија против).

Сепак, според прогнозите на Денис Волков, намалувањето ќе продолжи: „Нема никаква паника, колапс нема да има. Но песимизмот расте, а по него и рејтинзите ќе се намалуваат и понатаму, вклучително и рејтингот на претседателот“.

Во анкетата учествуваа 1600 луѓе во 137 населени места од 48 региони на РФ. Статистичката грешка не е поголема од 3,4%. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња