Претстава на македонски режисер најдобра за 2015 година во Русија

За најдобра претстава на годината е прогласена „Сонот на летната ноќ“, на театарот „Работилницата П. Н. Фоменко“, во режија на македонскиот режисер Иван Поповски.

Руската национална театарска награда „Златна маска“ е основана во 1993 година од страна на Унијата на театарските работници (дејци) на Руската Федерација и се доделува за најдобрите остварувања на сезоната во сите жанрови на театарската уметност: драма, oпера, балет, модерен танц, куклен театар, оперета и мјузикл.

Листата на најзначајните остварувања за сезоната 2014/2015 беше објавена на веб-страницата на „Златна маска“. 54 театри беа претставени во 212 номинации.

Сите номинирани претстави се играат на Фестивалот „Златна маска“ во Москва, а кулминација на целиот процес е Свечената церемонија на прогласување на победниците и доделување на наградите која е, воедно, главниот театарски настан на годината.

Главната награда на фестивалот - Наградата за најдобра претстава на годината од голем формат, годинава беше врачена од страна на режисерот Лев Додин, уметнички директор на Мал Драмски театар – Театарот на Европа од Санкт Петерсбург, кој минатата година беше добитник на истата награда.

За најдобра претстава на годината е прогласена претставата „Сонот на летната ноќ“ на македонскиот режисер Иван Поповски, што е истовремено прва „Маска“ на „Работилницата на Фоменко“ по смртта на мајсторот.

„Сонот на летната ноќ“ имаше и две индивидуални номинации: За најдобра режија - Иван Поповски и За најдобра женска улога - Ирина Горбачова. Покрај тоа, претставата учествуваше во проекти Russian case (специјална програма за странските гости на фестивалот) и „Златна маска во кино“ – како единствена претстава од драмската селекција на Фестивалот „Златна маска“ која беше прикажувана во 62 кина во 48 градови низ Русија и тоа во 26 градови во живо (онлајн).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња