Русија напредува во процесот на создавање перспективен авио-комплекс на далечна авијација (ПАК ДА). И покрај одредени економски тешкотии поради ниските цени на нафтата, Москва не се откажува од овој проект, пишува „Национален Интерес“.
Аналитичарот Дејв Маџумдар истакнува дека, иако програмата за производство на новиот бомбардер е одложена, затоа што компанијата „Туполев“ се концентрираше на проектот за изградба на нова верзија на прославениот „Бел лебед“, авионот Туполев Ту-160М2, Москва не планира да се откаже од проектот за нов „невидлив“ бомбардер.
ПАК ДА ќе биде реализиран врз основа на шемата на „летечко крило“. Според мислењето на експертите, неговите карактеристики можат да се споредат со американскиот тежок бомбардер Нортроп Б-2 „Спирит”. Маџумдар исто така предвидува одредена сличност со американскиот Б-3, стратешки бомбардер од нова генерација над кој во моментов работи Америка.
Аналитичарот пишува дека авионите со конструкција „летечко крило“ се практично незабележливи за нискофреквентните радари.
Според мислењето на стручњакот, слабата видливост на радарите ќе биде главна карактеристика на новиот руски бомбардер. Западните стручњаци не располагаат со прецизни податоци за новиот проект, но Маџумдар смета дека авионот ќе може да носи и крстосувачки ракети со голем дострел и наведувани високопрецизни ракети, па дури и суперсонични ракети.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче