Медведев: ЕУ покажа неодговорност во прашањето со мигрантите

Рускиот премиер смета дека европските политичари се однесувале неодговорно не само спрема граѓаните на Европската унија, туку и спрема судбината на цела Европа.

Премиерот на Руската Федерација Дмитриј Медведев смета дека европските политичари и раководството на ЕУ со своите потези во сферата на миграцијата покажуваат неодговорност спрема судбината на цела Европа.

„Мене всушност ми е жал за Европа. Го кажувам ова без најмала иронија. Бев на минхенскиот форум. Со кого било да разговарав, сите го наведнуваа погледот и велеа: „Да, не успеавме“. Всушност се работи за неодговорно однесување на европските политичари и раководството на Европската унија. И тоа не само спрема граѓаните на Европската унија, на крајот на краиштата, тоа не се наши граѓани, туку тоа беше неодговорно спрема судбината на цела Европа. А ние сме европска земја“, изјави Медведев во текот на поднесувањето на годишниот извештај на владата пред Државната дума, пренесува РИА „Новости”.

„Само во последниве година дена на територијата на Европската унија влегоа еден милион и осумстотини илјади луѓе, од кои милион и двесте влегоа нелегално. Тоа е огромен притисок. Луѓето кои бегаат од стравотиите на војната дојдоа за да ја добијат помошта која Европа им ја намени. Резултат на тоа е колапсот на културно-историскиот поредок во Европа. А тоа е многу опасна појава”, додаде рускиот премиер.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња