Столтенберг: Мали се шансите за обнова на соработката со Русија

За 20 април во Брисел е планирана седница на Советот Русија-НАТО на ниво на постојани претставници.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека можностите за обнова на соработката со Русија во обичен режим се мали, соопшти порталот „Дифенс Њуз“.

„Оваа средба претставува продолжение на нашиот политички дијалог. Во исто време нема да има враќање на обичната состојба на работите, сѐ додека Русија одново не почне да го почитува меѓународното право“, изјави Столтенберг.

Генералниот секретар истакна дека Алијансата „ги остави отворени“ каналите за политички дијалог и воена комуникација. Притоа решението за прекинот на соработката останува на сила.

Сепак, извори на „Дифенс Њуз“ во НАТО истакнуваат дека состанокот на Советот Русија-НАТО е обид за обнова на партнерството.

Советот Русија-НАТО беше основан во 2002 година. Последниот состанок на дипломатско ниво се одржа во јуни 2014 година. Откако почна конфликтот во Украина, дијалогот меѓу Русија и Северноатлантската алијанса е замрзнат. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња