Директниот пренос на „Јандекс“ на летот на Гагарин го запали интернетот

На денешен ден пред точно 55 година советскиот пилот и космонаут Јуриј Гагарин стана првиот човек кој полета во вселената. Пребарувачот „Јандекс“ отвори по тој повод специјална страница на која се емитува директниот пренос од летот.

На денешен ден пред точно 55 години советскиот пилот и космонаут  Јуриј Гагарин стана првиот човек кој полета во вселената од космодромот „Бајконур“ во вселенскиот брод „Восток 1“, а летот траеше 108 минути.

Во чест на тој голем настан пребарувачот „Јандекс“ (Яндекс) отвори специјална страница на која се емитува директен пренос на летот на Јуриј Гагарин во вселената, па така сите оние кои сакаат можат да се најдат во центарот за контрола на летањето и да го слушнат разговорот на легендарниот советски космонаут со раководителот на проектот Сергеј Королев.

За да се почне преносот доволно е да се отвори страницата и да се кликне на Поехали (што значи одиме, зборот што Гагарин го изговори при стартот на вселенскиот брод). Корисниците на интернетот можат да го следат разговорот меѓу Королев и Гагарин, да го слушаат или да ги читаат титлите, да дознаат детали за најважните моменти на пионерскиот лет во вселената, сѐ за стартот, за одвојувањето од прв степен, катапултирањето, слетувањето и останатото. Во соодветни прикази можат да се видат позициите на кои „Восток 1“ точно се наоѓал во одредени моменти.

Исто така може да се види како изгледало леталото во разни фази на лет, се прикажува брзината, оддалеченоста од стартот и висината.

Јуриј Гагарин по пионерскиот подвиг стана планетарна легенда, а 12 април една година откако првиот човек полета во вселената почна да се слави како Ден на космонаутот, пишува нашето матично издание „Росијскаја газета“.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња